Име и презиме: Виолета Димовска
Факултет каде што предавам, титула и област на специјализација: Земјоделски факултет, редовен професор во научна област лозарство и тековно раководител на Катедрата за лозарство и овоштарство.
Образование: Основно и средно (гимназија) завршив во Кавадарци. Во 1989 година дипломирав на Земјоделски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј" во Скопје. На истиот факултет во 1994 година магистрирав во областа на лозарството на тема „Споредбени испитувања на интродуцирани сорти за производство на квалитетни и врвни бели вина одгледувани во Тиквешкото виногорје", а во 2000 година докторирав на тема „Ефекти од одредени ампелотехнички мерки при производството на трпезно и бессемено грозје".
Неформалното образование: Конгреси, симпозиуми, семинари, студиски престои, обуки во земјава и во странство.
Краток професионален профил: По завршувањето на моите студии (1989), во 1990 година се вработив како помлад асистент по лозарство на Одделот за лозарство и винарство на Земјоделски институт - Скопје. По завршувањето на магистерските студии и стекнувањето на научен степен магистер по земјоделски науки, област лозарство (1994) во 1995 година бев избрана во асистент. Во 2000 година по одбрана на докторската дисертација истата година (2000) бев избрана во научен соработник, а во 2005 година во вонреден професор.
Во периодот од 1994 година до 2006 година бев раководител на Одделението за лозарство при Одделот за лозарство и винарство на Земјоделски институт - Скопје.
Од 2009 година до денес работам како редовен професор на Земјоделски факултет при Универзитетот Гоце Делчев“ во Штип, а воедно сум и раководител на Катедрата за лозарство и овоштарство. Од 2015 година до 2021 година бев член на Универзитетскиот сенат при УГД.
Градејќи се како научен работник и истражувач (34 години) во областа на лозарството, до сега сум учествувала во изготвување на многу елаборати за заштита на географското потекло на вина, елаборати за проектирање на нови лозови насади, како локален координатор и раководител на проекти од IFAD програмата (МЗШВ). Како раководител или учесник во голем број проекти, со акцент на проектите од областа на интродукција и клонска селекција на виновата лоза. Член сум била и сѐ уште сум во повеќе секторски и потсекторски групи при МЗШВ, каде што активно учествувам во креирањето на политиките за развој на секторот лозарство и винарство.
Автор и коавтор сум на над 100 публикации, дел објавени во списанија со импакт фактор (15), а поголем дел во меѓународни и домашни списанија. Автор сум на 1 универзитетски учебник и коавтор на еден меѓународен и 2 монографии. Сум била член во научни и организациски одбори на научни и стручни конференции во земјава и во странство. Рецензент на повеќе трудови објавени во меѓународни списанија од кои ги издвојувам: Food science and applied biotechnology (FSAS), Journal and agriculture science and technology B и Journal of Agriculture and Plant Sciences (JAPS).
Во три збора би се опишал/а како: Толерантна, одговорна, тимски креативна/приспособлива.
На УГД се вработив (кога и како):
На УГД се вработив во 2009 година како вонреден професор од областа на лозарството на Земјоделски факултет.
УГД ми помогна за мојот професионален развој преку:
Академската слобода, поддршката и можноста да учествувам во многу научни и апликативни проекти, да учествувам на домашни и меѓународни конференции, симпозиуми, семинари, обуки. Техничка и финансиска поддршка за објавување на универзитетски учебници и учебни помагала. Поддршката за усовршување во знаењата и стекнување на нови искуства, како за напредок во наставниот процес така и за работни позиции базирани на квалитет.
Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа:
- Поттикнување на научноистражувачката работа.
- Почитување на академска слобода која овозможува зголемување на креативноста на наставничкиот кадар, како во делот на наставата така и во научноистражувачката работа.
- Отвореноста на УГД за соработка со други високообразовни и научни институции во државата и надвор од неа.
- Големиот број на електронски платформи како: е-индекс, е-пошта, е-учење, е-библиотека овозможуваат постојана комуникација на студентите со наставничкиот кадар, брз, едноставен, бесплатен пристап до сите учебници и учебни помагала кои ги издава УГД.
- Отвореност за соработка со приватниот сектор и невладини организации и здруженија.
- УГД го поддржува наставничкиот кадар за учество на конгреси, симпозиуми, семинари, а ги наградува за објавени научни трудови во списанија со фактор на влијание.
Омилен дел од мојата работа:
Практична настава со студентите, нивно активно учество во научни истражувања, а со посебен акцент нивно учество на домашни и меѓународни студентски конференции.
Како раководител за практична настава на повеќе од 10 генерации на судиските програми лозарство и енологија се гордеам што се сретнувам со успешни агрономи кои се на раководни позиции во големи компании, но и оние кои имаат успешен сопствен бизнис.
Од професионални достигнувања издвојувам:
Објавени повеќе од стотина трудови во списанија со фактор на влијание, меѓународни и домашни списанија.
Реализирани повеќе студиски престои во реномирани научни и високообразовни институции (Institute of Agriculture and turism-Porec, Хрватска, INRA-Франција – Universita degli studio dell'Aquila, Италија, Кметиски институт, Словенија).
Соработка со приватниот сектор, владини и невладини асоцијации и здруженија.
Методологија која ја користам во работата со студентите: Интерактивна настава, теренска практична настава. Вклучување на студентите во базични истражувања, посебно методи при поставување на опити во производни насади и нивно учество на студентски конференции со презентации на резултати од сопствени истражувања.
Животна мудрост што ја споделувам: Знаењето никој не може да ти го земе, но ако не го предадеш на генерациите нема вредност.
Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачал/а:
Книга: „Наставата и комуникацијата“ од авторите Роберт Јуинг, Том Лори, Џој Хигс. Филм: француска серија „Биро“ (Le Bureau) во режија на Ерик Рошан - драма, трилер, криминал, мистерија.
Совет за младите како идни студенти: Секоја професија постојано ја следат предизвици. Затоа верувајте во себе, бидете трпеливи и истрајни во остварувањето на вашата цел. Искористете ја можноста да престојувате во други високообразовни институции преку ЕРАЗМУС програмата што ви ја нуди УГД преку која ќе создадете нови пријателства, ќе стекнете многу знаење и нови искуства.