Во периодот од 15 до 19 април за студентите на прв циклус студии на Земјоделски факултет беше организирана теренска настава во рамките на предметот Педологија, под менторство на проф. д-р Мите Илиевски и доц. д-р Биљана Балабанова.
Научниот соработник д-р Јовица Васин од Институтот за градинарство и овоштарство во Нови Сад, Република Србија, одржа теоретско предавање комбинирано со практичното теренско отворање на почвен профил на три локалитети: агрономски површини во близина на с. Амзибегово (Овчеполско) Опитен центар при Земјоделски факултет - УГД, во околината на с. Ропотово (Прилепско) и во Струмица. На овој начин д-р Васин им овозможи на студентите директно на терен препознавање на теренската околина (морфологија/релјеф на земјиштето).
Студентите практично извршија: утврдување на внатрешната морфологија на почвените профили (утврдување/детерминирање на почвени хоризонти и текстура на почва), детерминирање на физичко-механичките својства на почвата, како и теренско утврдување на семиквантитативен состав на карбонати во почва.
Во текот на практичната настава студентите вршеа и сондирање/собирање на почвени примероци во нарушена и ненарушена состојба, коишто понатаму се проследуваат за лабораториски анализи.