Во периодот од 8 до 12 април, Земјоделскиот факултет беше домаќин на неколку визитинг професори и професори кои престојуваа на УГД во рамките на програмата Еразмус+.
Проф. д-р Дарина Валчева од Институтот по земјоделие во Карнобат, Република Бугарија, одржа предавања за студентите на прв циклус студии на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев" – Штип во наставните центри Штип и Струмица.
Предавањата на визитинг професор Валчева беа на тема „Организација на селекцискиот процес кај зрнесто-житните култури" од областа на селекција на растенијата и семепроизводство. Од овие предавања студентите имаа можност да слушнат за основните постапки при хибридизација на јачменот и овесот, за методите на одбирање, како и за сортите на јачмен создадени од вработените на Институтот по земјоделие во Карнобат. Проф. д-р Валчева на студентите им го пренесе повеќегодишното искуство и практичната работа со кои располага овој Институт.
Проф. д-р Валчева имаше и свое пленарно предавање на Второто меѓународно научно-стручно советување „Агронаука и пракса”, кое беше организирано од страна на Земјоделскиот факултет. Темата на пленарната презентација на проф. д-р Валчева е „Breeding of abiotic stress in barley – problems, achievements and perspectives”.
Престојот на проф. д-р Валчева беше искористен и за договор за реализација на практичната настава, која неколку години наназад се остварува со Институтот по земјоделие во Карнобат, Република Бугарија.
Во истиот период, студентите од наставните центри Штип и Струмица имаа можност да го слушнат предавањето и на визитинг професорот д-р Кирил Бахчеваџиев од Земјоделскиот колеџ во Коимбра, Португалија. Темата на неговото предавање за студентите беше „Употреба на екстракти од морски алги како биоѓубриво”. Професорот имаше презентација со наслов „Use of seaweed extracts in the lettuce (Lactuca sativa L.) production” на Второто меѓународно научно-стручно советување „Агронаука и пракса”, кое се одржа на 12 април.
И оваа година, исто како и мината, во рамките на програмата Еразмус+, проф. д-р Аника Михелсон од Универзитетот за применети науки „Häme“ во Финска одржа предавање за студентите на прв циклус студии на Земјоделски факултет, во Наставен центар Струмица на тема „Виртуелна платформа за управување со растително производство“.
Проф. д-р Микелсон имаше учество и во панел-дискусијата на Второто меѓународно научно-стручно советување „Агронаука и пракса” на тема „Integrating studies and entrepreneurship. Case: ELOSA OSK”.