Проф. д-р Дарина Валчева од Институтот за земјоделие во Карнобат, Република Бугарија, одржа предавања за студентите на прв циклус студии на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев" – Штип.
Предавањата на визитинг професорот Валчева беа на тема „Организација на селекцискиот процес кај зрнесто-житните култури" од областа на селекција на растенијата и семепроизводството. Од овие предавања студентите имаа можност да слушнат за основните постапки при хибридизација на јачменот и овесот, за методите на одбирање, како и за сортите на јачмен создадени од вработените на Институтот за земјоделие во Карнобат. Проф. д-р Валчева успеа во текот на предавањето на студентите да им го пренесе повеќегодишното искуство, како и практичната работа со што располага овој Институт.
Престојот на проф. д-р Валчева на Земјоделскиот факултет е континуитет на одличната соработка што ја има овој факултет и УГД со Институтот за земјоделие во Карнобат, од што бенефит имаат најмногу студентите. Студентите на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев" – Штип веќе две години по ред реализираат практична настава во Институтот за земјоделие, а тоа говори за успешната и одлична соработка со овој Институт.