Студентите на Земјоделски факултет, насока Градинарство (VIII семестар) од Струмица, под менторство на проф. д-р Лилјана Колева-Гудева ја посетија компанијата „SBW Romero Vitro / SBW Iribov“ во Виница.
Посетата беше реализирана како дел од практичната наставата по предмет Биотехнологија и биосигурност, бидејќи компанијата има високоразвиена технологија за производство на преку 5000 вариетети на украсни растенија (гербер, петунија, кукурек, божур, каранфил, делфиниум и многу други) и стартен посадочен материјал за јагодести овошни видови (јагода, малина, капина, боровинка) во лаборториски услови преку култура на ткиво.
Студентите беа запознаени со сите чекори на технологијата за комерцијална микропропагација, од подготвување на подлога, преку размножување и пасажирање на материјалот, сѐ до негова подготовка за аклиматизација. Покрај тоа, компанијата располага со Оддел за истражување и развој и Оддел за чување на растителен материјал во in vitro услови (in vitro ген-банка).
Посетата има голема важност за студентите, бидејќи ваков вид на производство на цвеќе и садници за јагодесто овошје е единствен во Македонија и претставува една потврда дека иднината на модерниот аграр е во растителната биотехнологија.