Во изминатиот период за студентите на прв циклус студии на Земјоделски факултет се организираше теренска настава во рамките на предметот Педологија, под менторство на проф. д-р Мите Илиевски и доц. д-р Биљана Балабанова.
Научен соработник д-р Јовица Васин од Институтот за градинарство и овоштарство во Нови Сад, Република Србија, одржа теоретско предавање комбинирано со практичното теренско отворање на почвен профил на три локалитети: агрономски површини во близина на с. Ерџелија (Овчеполско), с. Ропотово (Прилепско) и Струмица. На овој начин д-р Васин им овозможи на студентите директно на терен препознавање на теренската околина (морфологија/релјеф на земјиштето).
Студентите практично извршија: утврдување на внатрешната морфологија на почвените профили (утврдување/детерминирање на почвени хоризонти и текстура на почва), детерминирање на физичко-механички својства на почвата, како и теренско утврдување на семи-квантитативен состав на карбонати во почва. Студентите вршеа и сондирање/собирање на почвени примероци во нарушена и ненарушена состојба, коишто понатаму се проследуваат за лабораториски анализи.