
Во рамки на програмата Еразмус+ за мобилност на студенти, на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип од почетокот на септември престојува студент од Земјоделски факултет при Универзитетот „Ататурк“ во Ерзурум, Турција.
Станува збор за студентот Мехмет Саваш од Катедрата за земјоделска биотехнологија, кој во текот на двомесечен период активно ја спроведува својата практична настава и истражувачка работа во соработка со академскиот кадар на Земјоделскиот факултет при УГД. Престојот е дел од заедничката заложба на двете институции за унапредување на интернационалната соработка, размена на знаење и унапредување на примената на биотехнолошките практики во земјоделството.
За време на својата мобилност, студентот има можност да учествува во лабораториска работа, теренски истражувања, како и во активности поврзани со растителна биотехнологија, одржливо земјоделство и агроекологија.
Земјоделскиот факултет при УГД продолжува да го развива својот интернационален профил преку соработка со водечки универзитети и факултети од Европа и пошироко, нудејќи платформа за размена на знаење и практично искуство за студенти и академски кадар.