Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип беше домаќин на 3. Kонференција „КАРБОНИКА Brain Gain – Јаглеродно земјоделие во фокус: Глобални знаења и локални предизвици“.
Настанот беше организиран како дел од проектот „КАРБОНИКА – јаглеродна иницијатива за земјоделство отпорно на климатски промени“, финансиран од програмата Хоризонт на ЕУ. Целта беше да се обединат експерти, иноватори, претприемачи и истражувачи од земјава и од дијаспората за размена на знаење и искуства во областа на јаглеродното земјоделство. Конференцијата беше водена од проф. д-р Биљана Балабанова, која е евидентен експерт во областа на хемија на земјиштето, екотоксикологија и животна средина, со богато искуство во научноистражувачки проекти кои се фокусираат на климатски промени, загадување и одржлив развој – теми коишто директно се поврзани со целите на КАРБОНИКА, овозможувајќи ефективна комуникација меѓу научната заедница, претставниците на дијаспората и носителите на одлуки, што е суштински дел од „brain gain“ пристапот на проектот.
Националните експерти проф. д-р Верица Илиева и проф. д-р Трајче Стафилов укажаа на локалните состојби и предизвици за јаглеродното земјоделство од аспект на практики и технологии, но и состојби на агроеколошки предизвици за здравјето на почвите. Значаен придонес на конференцијата дадоа и експерти од дијаспората, д-р Кирил Маневски, научен соработник при Одделот за климатски промени и квалитет на водата при Катедрата за агроекологија на Универзитетот во Орхус, Данска, и проф. д-р Кирил Бахчеванџиев од Политехничкиот институт во Коимбра.
Главниот фокус на конференцијата е насочен кон земјоделските производители и можностите за адаптација на производството во согласност со промените на агроеколошки услови. На конференцијата земјоделскиот производител Сотир Ангелов го презентираше своето искуство и перспективи како активен земјоделец кој се соочува со климатски предизвици, но истовремено се стреми кон иновативни и одржливи решенија. Во своето излагање, Ангелов нагласи дека климатските промени веќе имаат директно влијание врз производството, особено преку непредвидливи временски услови, намалена плодност на почвата и зголемени потреби за вода и енергија. Тој истакна дека традиционалните земјоделски практики стануваат недоволни за да се одржи конкурентноста и квалитетот на приносот. Како одговор на овие предизвици, Ангелов сподели неколку иновативни пристапи кои веќе ги има применето на своето земјоделско стопанство. Од друга страна, владините тела и институции имаат значајна улога во имплементацијата на јаглеродното земјоделство во Северна Македонија. Преку своите надлежности и активности, може да помогнат во промовирањето на практики кои го намалуваат јаглеродниот отпечаток и придонесуваат за одржлив развој на земјоделството. Свое излагање на конференцијата имаше инспектор Катица Тасева, претставник на Државниот инспекторат за земјоделство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, којашто го сподели своето долгогодишно искуство во агросекторот, исполнето со бројни предизвици, но и активно дејствува во адаптација и спроведување на законските регулативи на терен.
Студентите од Земјоделскиот факултет беа активни учесници на конференцијата и истите претставуваат додадена вредност на конференцијата за јаглеродно земјоделство, носејќи свежи перспективи, иновативни идеи и силна посветеност на одржливоста. Како научници во подем и идни лидери, нивното активно учество поттикнува меѓугенерациска размена на знаење и обезбедува долгорочно влијание на резултатите од конференцијата. Вклучувањето на студентите во дијалог со експерти и професионалци од дијаспората не само што го збогатува нивниот академски и професионален развој, туку и ги зајакнува локалните капацитети за истражување и имплементација.
Конференцијата беше затворена со претставувања на пилот-истражувачките активности во склоп на проектот КАРБОНИКА, коишто се реализираат на опитните земјоделски површини на Земјоделскиот факултет при УГД во координација со националниот лидер на тимот КАРБОНИКА, фирмата „АгФутура технологии“ во Скопје.
3. Brain gain КАРБОНИКА конференција претставува успешна платформа за размена на знаење и искуства во областа на јаглеродното земјоделство. Таа придонесе за унапредување на локалниот и националниот екосистем преку поттикнување на иновации, развој на политики и јакнење на капацитетите. Проектот продолжува со имплементација на пилот-проекти и развој на Центарот за извонредност, кој ќе служи како регионален центар за иновации во земјоделството.
Дополнителни информации за проектот КАРБОНИКА може да се најдат на веб-страницата на проектот: https://carbonica-hub.eu/