Научниот тим на УГД во проектот „КАРБОНИКА“ (од програмата „ХОРИЗОНТ ЕВРОПА“) се претстави на 11. Интернационална конференција „Нови трендови во хемијата“ (ICNTC 2025) во Болоња, Италија, со научен труд под наслов „Unlocking Soil Health: Carbon Determination in Agricultural Soils”.
Проектот „КАРБОНИКА“ е фокусиран на јаглеродно земјоделство и иновации во одржливото управување со јаглерод. Презентирањето на ваков проект на конференција фокусирана на хемија ги поврзува хемиските науки со агрономијата, екологијата и климатските промени – покажувајќи ја важноста на аналитичките методологии во решавањето на глобални еколошки предизвици.
Преку излагањето на резултатите, проектот „КАРБОНИКА“ добива меѓународна видливост. Ова е можност да се покаже квалитетот и иновативноста на истражувањата, особено кога истите се поврзани со актуелни теми како климатските промени, одржливи материјали или јаглеродни технологии. Присуството на реномирани научници и експерти од различни земји создаде простор за критичка дискусија, нови идеи и потенцијални подобрувања на методологијата и интерпретацијата на резултатите, што секако води кон унапредување на квалитетот на истражувањето. Конференцијата овозможи да се воспоставуваат контакти коишто водат кон нови научни партнерства и градење синергии со други европски истражувачки програми. Ова може да има долгорочни позитивни ефекти за истражувачите и институцијата-партнер во проектот.
Конференцијата фокусирана на „нови трендови“ овозможува тимот од „КАРБОНИКА“ да го спореди својот пристап со најновите методологии и технологии во хемијата, што секако може да овозможи унапредување на тековните методологии на работа и истражувањето во таа насока.
Дополнителни информации за конференцијата може да се најдат на веб-страницата https://icntcconference.com/
Информации за научниот проект „КАРБОНИКА“ може да се најдат на веб-страницата https://carbonica-hub.eu/