Во рамките на активностите организирани на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип по повод патрониот празник, на 26 март во свечената сала на Земјоделски факултет дипломираните студенти и магистри имаа можност да ги облечат свечените одори и да ја стават академската капа со која заокружуваат еден циклус на образование.
Деканот на Земјоделски факултет, проф. д-р Љупчо Михајлов, со поздравен говор им го честита дипломирањето на сите колеги кои се стекнаа со знаење и диплома која е призната на светско ниво. Деканот повторно како и на сите досега дипломирани студенти, им нагласи дека вратите на Универзитетот остануваат отворени и по нивното дипломирање и секогаш кога ќе имаат потреба можат повторно да зачекорат во просториите на Земјоделски факултет.
Како иницијатива за понатамошна соработка со дипломираните студенти, деканот им упати покана на сите заинтересирани присутни за првото стручно научно советување „Агро-наука и пракса“, кое го организира Земјоделскиот факултет во периодот од 10 до 11 мај.
До следната генерација на дипломирани земјоделски инженери агрономи, нека ни е честит и вековит Универзитетот „Гоце Делчев“, со поттик за идни бројни подигнати капи и доделени пофалници за вложениот труд!