Во периодот ноември - декември 2024 година, националните партнери во Проектот КАРБОНИКА ЕУ (ХОРИЗОНТ програмата), Земјоделскиот факултет при УГД и АгФутура технологии - Скопје работат на имплементирање на иновативна теренска опрема за следење на нивото на јаглерод кој се задржува во почвата како резултат на одредени практики за јаглеродно земјоделство, кои придонесуваат за намалување на емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата, односно за складирање на јаглерод во почвата. На експерименталните површини на УНИ-СЕРВИС агро (Земјоделски факултет – УГД) во с. Амзабегово се изврши поставување, валидација и тестирање на опремата. Националните партнери согласно со протоколите за користење на опремата извршија in situ примена на опремата со цел мониторинг на јаглеродното производство на јачмен, пченка, сончоглед, наут и винова лоза, како култури кај кои во производната 2024 година во рамките на проектот беа спроведени пилот-активности за јаглеродно земјоделство.
Во следниов период активностите ќе бидат насочени кон поширока имплементација на опремата во мониторингот на експерименталните површини, како и претставување на опремата пред локални производители, млади земјоделски инженери и студенти на Земјоделскиот факултет, коишто ќе имаат можност да бидат запознаени и практично со новите технологии на производство и мониторинг во јаглеродното земјоделско производство.
Дополнителни информации за тековните активности на проектот КАРБОНИКА ЕУ се достапни на веб-страницата на проектот: https://carbonica-hub.eu