На 19 декември 2024 година, студентите на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, со менторите проф. д-р Ацо Кузелов и проф. д-р Димитар Наков, имаа можност да ја посетат најголемата преработувачка фабрика за месо во државата, Месна индустрија и кланица МИК - Свети Николе.
На почетокот студентите топло беа пречекани од сопствениците на фабриката, а потоа се запознаа со технологијата на производство на различни производи и преработки од месо. Во обиколка на производните линии во фабриката се приклучија и студентите од факултетот кои во моментов таму ја спроведуваат задолжителната практична настава, користејќи ја можноста за надградување на знаењата и вештините во процесирање на месото и производство на полутрајни и трајни производи од месо. На крајот од посетата, студентите се запознаа со работата во лабораторијата која функционира во рамки на фабриката и во која се вршат анализи за утврдување на квалитетот и безбедноста на месото и преработките од месо, како и хигиенскиот квалитет на водата што се користи во производниот процес.
Искрена благодарност до сопствениците и вработените за реализираната практична настава и соработката која ќе продолжи и во иднина.