Научниот институт за тутун – Прилеп, единица на УКЛО, го одбележа дијамантскиот роденден - 100 години фундаментална наука, еден век институционален развој силно вграден во македонската економија, едукација и општество.
Во рамки на јубилејната свеченост, во пресрет на патронoт св. Климент, беше оддадено должно внимание кон неговите универзални, трајни вредности, како дел од светското цивилизациско наследство.
Директорката на Институтот, проф. д-р Валентина Пеливаноска, во пригодниот збор за јубилејот посочи: „Долгата традиција носи и голема одговорност и тоа силно се потврдува во Институт, бидејќи тутунот како култура, има посебно место во структурата на македонското земјоделско производство и извозот, со исклучително значење од економски и социјален аспект. Институтот има и богата научна и производствена инфраструктура, овде се следат најновите научни сознанија кои се од витално значење за стопанството и економијата на нашето општество. Како единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, покрај научна, стручна и апликативна работа, Институтот генерира и знаење, едукација на втор и трет циклус студии, специфични студиски програми што овозможуваат обука на персонал способен за вклучување во процеси во тутунската индустрија и други земјоделски активности и придонесува за заштитата на животната средина. Овие синергетски премиси ја обликуваат денешната идентитетска физиономија на Институтот и ги навестуваат идните чекори за адаптација со европските земјоделски политики, ажурирање стручни патокази за одржлив развој - со современ пристап кон климатските активности и екологијата“.
Искрени честитки за дијамантскиот јубилеј на Научниот институт за тутун – Прилеп, со желби за продолжување на успешната работа и испишување на нови јубилеи и големи успеси.
Голема благодарност за доделената Благодарница на Земјоделски факултет во знак на долгогодишна заедничка успешна соработка. Благодарницата беше доделена на свеченоста по повод еден век наука и знаење на Научниот институт за тутун – Прилеп, од страна на директорката проф. д-р Валентина Пеливановска, а ја прими деканката на факултетот проф. д-р Емилија Арсов.
Нека се множат успешни соработки.