Земјоделците ќе можат лесно да проверат какво ѓубриво и во која количина да се употреби за одредена култура доколку имаат направено агрохемиска анализа на почвата, но и да дознаат кој е најдобриот пестицид за справување со болести и штетници. Ова ќе го овозможува смарт апликацијата изработена во рамките на проектот од Еразмус програмата, чиј главен координатор е Универзитетот „Гоце Делчев“.
Координатор на проектот е проф. д-р Зоран Здравев од Факултетот за информатика, кој работел на смарт апликацијата. Како партнери се вклучени повеќе земјоделски организации и здруженија кои споделувале искуства, но и стекнувале вештини потребни за развој на нивната дејност.
Проектот се работел повеќе од две години, а неговите резултати допрва ќе најдат примена во земјоделската пракса.
Настанот за промоција на проектот неодамна се одржа во Струмица, а проектот е финансиран од програмата Еразмус+, а реализиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип во соработка со Аграрен универзитет во Пловдив, Бугарија, Медитерански агрономски институт во Ханија - Грција, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството на Република Македонија - Битола и Федерацијата на производители на органски производи на Македонија.
На настанот беа присутни повеќе од 30 гости од различни институции и фирми од областа на земјоделството, професори, студенти и агрономи кои се крајни корисници на резултатите од проектот.
Учесници во проектот од Земјоделскиот факултет при УГД – Штип беа доц. д-р Емилија Арсов, воедно и асистент на проектот, која со практична демонстрација ја презентираше базата на податоци за пестициди во Република Македонија и проф. д-р Фиданка Трајкова, која направи демонстрација за употребата на калкулаторот за ѓубрење што може да се применува за пресметка на потребните колични на хранливи материи за 25 полјоделски и градинарски култури.
Ѓорги Хаџи-Котаров од Федерацијата на производители на органски производи на Македонија ги претстави сите содржини опфатени со различен тип на предавања одржани во Бугарија и во Грција, со цел подобрување на производните практики во конвенционалното, интегралното и органското земјоделско производство. Во текот на настанот беа споделени и други позитивни искуства од директните учесници во проектот.
На крајот од настанот беше развиена плодна и корисна дискусија, во која поголем број од учесниците дадоа свое видување за неопходноста за повеќе проекти од ваков карактер, односно поврзување на помеѓу земјоделската пракса и модерните информатички технологии.