На 10 октомври 2024 година во седиштето на COST асоцијацијата во Брисел се одржа првиот состанок на Управниот одбор на COST акцијата: CA23106 - An Evolutionary View to Understanding Affective States across Species”(AFFECT-EVO).
На состанокот беше поставена управната структура на акцијата, беа избрани раководител и заменик-раководител на проектот, како и лидери и заменици-лидери на работните групи. Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип преку Земјоделски факултет и учеството на проф. д-р Димитар Наков активно ќе се вклучи во акцијата и ќе придонесе во остварување на поставените цели.
Главна цел на вмрежување на научните работници во рамки на COST акцијата CA23106 (AFFECT-EVO) ќе биде мултидисциплинарен пристап кон објаснување на афектниот емоционален статус на различните видови животни кој влијае врз нивното однесување. Научните работници преку континуирана размена на знаења ќе се обидат да дадат одговор на прашањата поврзани со експресијата и доживувањата на емоциите кај различни животински видови, физиолошките механизми на афективниот статус и индикатори кои се релевантни за да се оцени емоционалниот статус на животните како придонес кон нивната благосостојба. Новите знаења поврзани со емоциите и однесувањето на животните ќе придонесат да се осознаат нивните основни потреби, унапредување на нивната благосостојба и ефикасен третман на емотивните нарушувања што во иднина ќе претставува модел за третман на афективните нарушувања кај луѓето.