Во периодот од 15 до 18 октомври 2024 година во Вршац, Република Србија, се одржа 17. Конгрес на овоштарите и лозарите на Србија со меѓународно учество, организиран од страна на Земјоделскиот факултет при Универзитетот во Белград.
На Конгресот свое учество имаше проф. д-р Виолета Иванова-Петропулос со две научни излагања. Едното излагање беше постер-презентација со наслов „Physicochemical characterization of Vranec wines using fournier transform infrared (FT-IR) spectroscopy“ („Физичкохемиска карактеризација на вина од сортата вранец со примена на инфрацрвена спектроскопија со Фуриева трансформација (FT-IR)“.
Второто излагање беше усна презентација со наслов „Aroma profile of Stanušina wines determined by GC-MS“ („Ароматичен профил на вина од сортата станушина определен со GC-MS“), кое воедно беше прогласено за најдобро предавање во секцијата „Берба и преработка на овошје и грозје, економика на производство“ и беше соодветно наградено од организаторите на Конгресот, што е потврда за важноста на презентираните научни резултати.
Учеството на Конгресот беше финансиски поддржано од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип што претставува уште една потврда дека Универзитетот ги поддржува своите вработени да учествуваат на важни научни настани, а во исто време овозможува промоција на Универзитетот, на науката, и во овој случај, поддршка и афирмација на македонското вино и македонските автентични сорти на грозје.