Во рамките на проектот „Германија – Западен Балкан – Дијалози за земјоделска политика во 2024 година“ како номиниран национален експерт за органско земјоделство во Република Северна Македонија, со поддршка од канцеларијата – Секретаријатот за регионален рурален развој, на постојаната работна група (SWG) за Југоисточна Европа со седиште во Скопје, проф. д-р Љупчо Михајлов од Катедра за растително производство на Земјоделскиот факултет беше дел од агендата на Деветтиот тековен состанок на Регионалната експертска советодавна работна група - REAWG за органско земјоделство, кој се одржа од 7 до 9 октомври 2024 г. во Белград.
Состанокот беше организиран од постојаната Работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (Regional Rural Development Standing Working Group in South-Eastern Europe (SWG).
На состанокот, освен поднесување на Извештајот за напредокот со подготовката на 4 подзаконски акти од областа на органското земјоделство за потребите на МЗШВ во Македонија, професорот Михајлов оствари неформални средби со претставници од Германското федерално Министерство за храна и земјоделство, како и од Институтот за органско земјоделство „FIBL“ од Швајцарија.
Во рамките на агендата на состанокот беше организирана посета на лабораториите на Институтот за хемија, технологија и микробиологија „ICTM” во Белград, каде што посетителите од работната група беа детално запознаени со можностите на лабораторијата за испитување на квалитетот на органските производи.
Беа остварени и повеќе средби со претставници на институции поврзани со секторот органско земјоделство од Србија, Албанија, Република Српска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Молдавија и Косово, со цел запознавање, поврзување и остварување на идни можни соработки во областа на органското земјоделство.