Во периодот од јуни до август беа спроведени сезонските активности на истражувачките опитни површини на Земјоделскиот факултет во опитен центар с. Амзабегово.
Во овој период националните партнери на проектот „АгФутура технологии“ и Земјоделскиот факултет - УГД навремено и интензивно ги имплементираат предвидените пилот-активности во согласност со истражувачкиот план за јаглеродно земјоделство. Кај јачменот, како една од експерименталните култури, по спроведените мерења за анализа на резултатите беше реализирана квалитетна и навремена жетва.
Согласно со една од целите на проектот за следење на нивото на јаглерод кој се складира во почвата како резултат на различните практики на производство во конвенционалното и јаглеродното производство, на крајот од вегетацијата на јачменот, земени се соодветни почвени примероци за лабораториски анализи. Кај останатите експериментални култури (пченка и грав како здружен посев, сончоглед и наут) по потреба се применуваат неопходните мерки на нега.
Сите овие култури во овој период се карактеризираат со интензивен раст и формирање на биомаса и плодови, заради што имаат најголема потреба за вода. Со цел создавање поволни услови за раст и развиток на овие култури и ублажување на ефектот на долготрајниот период на суша и екстремно високите температури, по потреба редовно се спроведува наводнување на експерименталните парцели.