Во рамки на COST Акцијата: CA22112 - European Network on Livestock Phenomics (EU-LI-PHE) во периодот од 10 до 12 јуни 2024 година во Болоња, Италија, се одржа Првиот годишен состанок на Управниот одбор.
Главна цел на вмрежување на научните работници во рамки на COST Акцијата EU-LI-PHE е мултидисциплинарен пристап кон одржливо сточарско производство преку воведување на фенотипски податоци во одгледувачките програми. Научните работници преку континуирана размена на знаења ќе се обидат да дадат одговор како генетиката на животните влијае врз нивните физички и физиолошки карактеристики систематски одредени преку феномите кои го прават фенотипот на животните. Во таа насока, во текот на двата работни дена беа презентирани најновите научни сознанија на полето на геномите и феномите кај фармските животни. Во рамки на работните групи беа поставени целите и задачите за периодот кој следи. Во насока на вмрежување, пред присутните учесници беа претставени FABRE-TP и EFFAB иницијативите, како и AG2PI програмата во САД.
Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип преку Земјоделскиот факултет и учеството на проф. д-р Димитар Наков активно се вклучи во Акцијата и ќе придонесе во остварување на поставените цели. Голема чест и задоволство беше да се биде гост на најстариот универзитет во Европа, ALMA MATER STUDIORUM University of Bologna, Department of Agriculture and Food Sciences, основан во далечната 1088 година.