Во периодот од 31 мај до 4 јуни 2024 г., 16 студенти со статус на редовни студенти на Земјоделски факултет, под менторство на проф. д-р Емилија Арсов, проф. д-р Виолета Димовска, проф. д-р Димитар Наков и дипл. инж. Иван Донев, учествуваа на 61. традиционална манифестација на студенти од земјоделските и шумарските науки, со научен и спортски карактер „Агрономијада 2024 г.“, со место на организација во Требиње, Босна и Херцеговина.
На настанот учествуваа претставници на 19 факултети од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Македонија и Косово.
Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, со своето четврто учество до сега, го зема високото 5. место со вкупно 16 поени од сите активности.
Студентите оваа година покрај активното учество во квизовите на знаења за првпат решаваа студија на случај, но исто тимски се организираа и за учество во спортските активности кои им донесоа дополнителни поени.
Активности во кои беа пријавени студентите и активно учествуваа беа следниве:
- Спортски активности: кошарка (машки), одбојка (машки), фудбал (машки);
- Решавање и презентација на студија на случај со две групи по четири претставници од студентите;
- Квизови на знаења во четири области: агроекономија; градинарство и поледелство; лозарство и овоштарство; сточарство.
Натпреварот го затворивме со следниве добиени дипломи:
- Афродита Волческа, студентка од трета година за освоено прво место во квиз на знаење од областа поледелство и градинарство;
- Стефан Михаилов, студент од четврта година за освоено четврто место во квиз на знаење од областа сточарство;
- Кристина Ваневска, студентка од четврта година за освоено петто место во квизот на знаење од областа лозарство и винарство;
- Мартина Бајлозова, студентка од трета година за освоено четврто место во квиз на знаење од областа агроекономика.
Покрај квизот на знаења во различни области, новина на „Агрономијада“ беше електронското тестирање на студентите и прикажување на бодовите, за што им требаше знаење и брзина на нашите студенти. Во делот на студија на случај, студентите поделени во два тима од нашиот факултет по четворица студенти, имаа можност да решаваат проблем и да дадат свое идејно решение.
Студентскиот научно-спортски натпревар „Агрономија 2024 г.“ заврши многу успешно за нашите студенти претставници од Земјоделски факултет. Честитки и благодарност до сите наши студенти за учеството и честитки за високото петто место.
Земјоделскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ инвестира во знаење, пракса, лабораториски научни истражувања на своите студенти, кои понатаму стекнатото знаење, искуство, вештини за тимска работа можат лесно да ги применат во пракса како инженери агрономи.
Галерија