На 12 април 2024 г. се спроведе сеидба на сончоглед и пченка на пилот-површините на Земјоделскиот факултет, Уни сервис-агро. Овие активности се реализираат согласно со предвидениот план на проектот Карбоника, финансиран од Европска Унија по програмата Хоризонт Европа.
Тимот на експерти од Земјоделскиот факултет, заедно со претставници од партнер-институцијата „Агфутура технологии“ - Скопје ги спроведуваат теренските активности со паралелна примена на конвенционални практики за т.н. јаглеродно земјоделство. Јаглеродното земјоделство вклучува разновидни техники со кои се зголемува подолгорочно складирањето на CO2 во почвата наместо да се емитува во атмосферата. Овие практики освен за подобрување на плодноста и здравјето на почвата се корисни за климата, животната средина, биодиверзитетот, а на долг рок може да обезбедат бројни придобивки за земјоделците преку намалување на трошоците за производство, подобрување на квалитетот на производството, како и нови извори на приходи.
Практиките за јаглеродно земјоделство вклучуваат поголем број на техники меѓу кои во рамките на проектот се предвидени управување со употребата на ѓубрива (примена на органски ѓубрива и оптимизирана употреба на ѓубрива), воведување на покривни култури, меѓукултури, управување со водата за наводнување, управување со постжетвените растителни остатоци и др. Овие практики се познати и веќе се користат, но проектот има за цел преку процес на следење, известување и потврдување на складираниот јаглерод во почвата како резултат на овие практики истите да се прошират и надградат за да се препорачаат најдобрите. Цел на проектот е исто така да даде предлог за сертификација на целата постапка за следење, известување и валидација на складираниот јаглерод во почвата.