Продолжуваат практичните денови и активностите на Земјоделскиот факултет со надополнување на теоретската настава со практични знаења.
На 18 април 2024 година беше реализирана практична настава со студентите на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, насоки Градинарство, Фитомедицина и Поледелство, во координација со проф. д-р Љупчо Михајлов, проф. д-р Билјана Ковачевиќ и проф. д-р Даниела Тодевска. Посетата се реализираше на фарма за сертифицирано органско производство на јагоди, малини и аронија, кај инженер агроном Бранко Атанасов во село Пиперево – Струмичко.
Студентите се запознаа со карактеристиките на агротехничките мерки за производство на овие култури, процесот на сертификација и начинот на пласирање на овие култури на пазарот за органски сертифицирани производи. Во рамки на посетата студентите согледаа начин на производство во заштитен простор, појава на болести кај јагодата и начини за нивно сузбивање, но во исто време студентите се обучија за мерење и евидентирање на податоци за присуство на хлорофил (Biobase хлорофилметар), вкупни шеќери (рачен рефракометар), цврстина на плод (пенетрометар за ситно овошје) и површина на лист (анализатор на лист Biobase).