Студентите на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ значаен дел од своите студии ги минуваат во практична настава, која се одржува на терен, каде што имаат можност да се запознаат со реалните услови во земјоделието.
Во рамките на тој дел од студирањето, студентите од Наставниот центар во Прилеп имаа можност да посетат земјоделски капацитети во Прилепско.
Во рамките на предметната наставна програма на студиска програма Полјоделство за студентите во седми семестар, но и за студентите запишани во прв семестар во Наставен центар - Прилеп, беше организирана теренска настава под менторство на проф. д-р Љупчо Михајлов.
Студентите имаа можност директно на терен во атарот на село Ропотово да се запознаат со начинот на орање и заорување на растителните остатоци и подготовка на почвата за новата сеидбена сезона, како и работната операција агрегатирана сеидба на пченица.
Теренските активности со студентите ќе продолжат зависно од сезоната и наставната програма во семестарот, по иницијатива на студентите и задолжителната предвидена програма на предметниот професор.