Студентите на Земјоделски факултет при УГД имаа можност да учествуваат во интересна практична теренска настава во склоп на пилотирање на опитни површини по научен проект „Carbonica EU“.
Практична теренска настава се реализираше на опитните површини на Земјоделски факултет, УНИ Сервис агро, с. Амзабегово, Свети Николе, а студентите можеа да видат како се користи современата технологија во земјоделството.
- Значаен сегмент во целокупната реализација на наставната програма за студентите од Земјоделски факултет претставува и практичната теренска настава. Науката и наставата се апсолутно неделиви сегменти, па и активностите на кои денес студентите можат да бидат сведоци се всушност дел од научните активности за проектот „Carbonica EU“. Овде реално и практично се вршат напредни, современи агротехнички мерки, односно современи технологии. Со оглед на тоа дека континуираното унапредување на знаењата на студентите, како теоретски, така и практични, апсолутни значи дека во целост ги унапредуваат нивните знаења од агрономската струка – изјави проф. д-р Билјана Балабанова.
Според проф. д-р Верица Илиева, проектот има за цел промовирање на одредени современи практики и техники, кои овозможуваат адаптирање на земјоделското производство кон климатските промени, но исто така и нивно ублажување.
- Денес студентите на Земјоделски факултет спроведуваат теренска настава во склоп на проектот „Carbonica EU“, кој е финансиран од ЕУ, и во кој УГД учествува заедно со уште 13 други партнери од Македонија, Грција и Кипар. Исклучително значење има примената на современи машини, компјутеризирани, кои овозможуваат многу попрецизно просторно и временско манипулирање со сите инпути во земјоделското производство. Тоа се алатки кои се конструираат во машините и при обработката на почвата прибираат податоци врз основа кои подоцна при сеидбата, при третирањето со ѓубрива, хемиски средства, овозможуваат точна распределба.
Во склоп на предвидените активности се изврши примена на современи агротехнички мерки за конвенционално vs. прецизно земјоделско производство (дронирање), како дел од научните активности на пилотирање на проектот „Carbonica EU“, финансиран од програмата „HORIZON-EU“.