Земјоделскиот факултет на УГД организираше настан „Запознај го својот иден работодавец“, поддржан од Владата на Швајцарија. Настанот се организираше во рамките на активноста „Развој на менторска програма за високото образование во земјоделството“ преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ (E4Е@mk).
Целта на настанот е фирмите да ги презентираат условите и можностите за практична работа во текот на студирањето на нашите студенти и да се отвори пат за идно нивно вработување, најави деканката на Земјоделскиот факултет, проф. д-р Емилија Арсов:
– Претставниците на фирмите на овој настан ќе го имаат главниот збор пред студентите. Во изминатите години напорно работевме, сѐ со цел да го ставиме студентот на водечкото место. Искрено се надеваме дека со нашата поддршка студентите ќе го најдат вистинското место во нашата држава. Затоа организираме вакви настани за да направиме спој помеѓу праксата и образованието. Драго ми е што во фирмите кои денеска ќе ви се презентираат имаме млади инженери и агрономи кои се наши дипломирани студенти, кои ќе ви кажат каде стигнале со своето образование и искуство од Земјоделскиот факултет.
За Програмата за зголемување на пазарната вработливост говореше тим-лидерот Горан Димовски.
– Програмата има име „Зголемување на пазарната вработливост“ и точно заради тоа сме сите овде. Директно работиме на зајакнување на конкурентноста и подобрување на можноста на бизнис-секторот да расте. Без раст на тој сектор, не е можно да се креираат нови работни места. Кога зборуваме за новите работни места, се обидуваме со компаниите да се даде посебен акцент на младите луѓе и на жените, сѐ со цел на најсоодветен начин да си го најдат своето место. Да успеат да обезбедат работно место кое е соодветно на нивните квалификации, пристојно место кое ќе генерира доволно приходи заради кое новите вработени ќе се чувствуваат добро, реализирано. Компаниите почнуваат да разбираат колкава е нивната одговорност активно да се вклучат заедно со образовните институции во креирање профили на млади луѓе кои ним им требаат во производствениот процес понатаму – изјави Димовски.
На настанот, како претставник на Швајцарската влада која финансиски ја поддржува оваа програма, се обрати тим-лидерот Курт Дитрих. Како претставник на Министерството за образование, присуствуваше и заменик-министерот за образование Агим Нухиу. Претставниците на компаниите во текот на настанот се претставија пред студентите со презентации и штандови кои беа поставени во холот на Земјоделскиот факултет.