Во изминатите три дена, од 10 до 12 мај, Земјоделскиот факултет беше локален партнер на Улис Годер (Ulysse Gaudaré) и на неговиот проект „Училиштето на Одисеј“ (École L'Odyssée). Улис е доктор на земјоделски науки и патува со велосипед од Бордо, Франција, до Истанбул, Турција. На ова патување долго 9000 километри тој посетува фарми, за да направи интервју со земјоделците за климатските промени и како тие влијаат врз нивното земјоделско производство.
Улис беше гостин на две индивидувални земјоделски домаќинства во регионот на Струмица. Првото земјоделско домаќинство што го посети е домаќинството на Кричо Витанов од с. Пиперево кое се занимава со производство на зеленчук, житарки и на грозје, а синот на сопственикот е студент на Земјоделскиот факултет. Другото земјоделско домаќинство е во Ново Село и е ориентирано кон овоштарство. Во своето домаќинство сопственикот Боро Зекиров, поранешен новинар, покрај производство на овошни култури, прави многу експерименти за погодноста на нови сорти овошје за нашето поднебје. Во текот на посетата беа направени интересни разговори за земјоделското производство и климатските промени кои ќе бидат дел од изложба на фотографии и документарен филм. На овој начин Улис сака да се слушне гласот на обичниот земјоделец за проблемите поврзани со климатските промени.
Пред да замине од земјата, Улис одржа кратка презентација за студентите на Земјоделскиот факултет во која зборуваше за проектот и дискутираше со студентите за климатските промени. На крајот од презентацијата спомена дека тоа што го видел во двете земјоделски домаќинства кои ги посети во нашата земја е многу различно од сите фарми што претходно ги посетил.
Патот на Улис можете да го следите на École L'Odyssée на Фејсбук https://www.facebook.com/EcolOdyssee и да поставувате прашања поврзани со климатските промени и земјоделското производство.