Во рамки на Еразмус плус проектот „Од дигитална технологија до образовна алатка: Унапредување на квалитетот на активното учење во земјоделските научни дисциплини во услови на онлајн и хибридна настава“ (HEAL-in-ONE), на Факултетот за агробиотехнички науки при Универзитетот „Јосип Јурај Штросмаер“ во Осиек, Р. Хрватска, се одржа Втората работилница на тема „Унапредување на компетенциите на универзитетските професори во креирањето на наставна ситуација“.
Главен хоризонтален приоритет на проектот е дигиталната трансформација во високото образование, преку унапредување на дигиталните компетенции на наставниците, приспособување на промените и развој на капацитетите во високото образование, пред сѐ факултетите од подрачјето на биотехничките науки. Координатор на проектот е Универзитетот во Белград, а на работилницата активно учествуваа и професори од Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Главна цел на работилницата беше да се унапредат наставните вештини на универзитетските професори при креирање на наставните програми и имплементација на методите на активна настава и учење во онлајн или хибридни услови. Посебен акцент беше ставен на улогата на наставникот и студентот во процесот на активно учење. Учесниците на работилницата беа соочени со предизвикот за приспособување на наставните програми и студиските програми во целина кон предизвиците што ги носи онлајн и комбинираната настава.