Во рамките на активностите за промоција на студиските програми и значењето на земјоделието, Земјоделски факултет при УГД денес одржа отворен Инфо ден за сите заинтересирани средношколци и студенти. На настанот беше присутен и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој ги истакна придобивките од студирањето на Земјоделски факултет.
- Развојот на земјоделството како стопанска гранка почнува токму од тука. Овде се градат тие идни млади земјоделски инженери кои ќе имаат клучна улога во развојот и модернизацијата на македонското земјоделие. Министерството има одлична соработка со штипскиот факултет, видовме млад факултет меѓутоа многу значаен и сметам дека е битна алка во целокупното креирање на идните политики - истакна министерот Николовски.
На настанот беа присутни и компании кои се поврзани на некој начин со земјоделието и производството на храна кои оваа можност ја гледаат за поголемо вклучување на бизнис секторот, а воедно и како можност да ги најдат своите идни кадри.
- Производството и потребата за храна секој ден се зголемува, а со тоа потребата од агрономи инженери ќе биде сѐ поголема на пазарот. Целта на настанот е нашата порака да допре до младите, да се поттикнат да размислуваат во насока и избор на струката која е тесно поврзана со нашиот животен тек - истакна деканката на Факултетот, проф. д-р Емилија Арсов.
Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, ја истакна поддршката што Универзитетот ја дава на Земјоделски факултет и на развојот на природните науки. На настанот свој говор одржа и студентката Кристина Ваневска, која зборуваше за својата одлука за избор на Земјоделски факултет и нејзиното досегашно искуство. Целосниот говор може да се погледне во продолжение.