Во рамки на ЕРАЗМУС плус проектот „Од дигитална технологија до образовна алатка:
Унапредување на квалитетот на активното учење во земјоделските научни дисциплини во услови на онлајн и хибридна настава“ (HEAL-in-ONE), на Земјоделскиот факултет при Универзитетот во Белград се одржа работилница на тема: „Унапредување на принципите и концептот на активна настава и учење“.
Координатор на проектот е Универзитетот во Белград, а на работилницата активно учество земаа и професори од Земјоделскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Главен хоризонтален приоритет на проектот е дигиталната трансформација во високото образование, преку унапредување на дигиталните компетенции на наставниците, прилагодување на промените и развој на капацитетите во високото образование, пред сé факултетите од подрачјето на биотехничките науки.
Специфични приоритети се:
- промовирање на образовните системи во високото образование меѓу институциите партнери во проектот;
- стимулирање на иновативните практики во учењето на научните дисциплини од подрачјето на биотехничките науки;
- надградување на извонредноста во учењето и стекнување на вештини потребни за дигитална трансформација;
- воспоставување на инклузивни системи на високо образование;
- поддршка на дигиталните капацитети во секторот високо образование.
Наведените приоритети на проектот ќе се реализираат преку унапредување на капацитетите на високообразовните институциите за ефикасна примена на методологијата на активна настава и учење при онлајн образование, унапредување на дигиталните компетенции на наставниците и студентите за користење на дигиталните алатки и помошните ИКТ во образованието. Во проектот особено се нагласува размената на добрите практики во примената на методите на активно учење и објективно вреднување на постигнувањата на студентите во применетите научни дисциплини од подрачјето на биотехничките науки во услови на комбинирана настава (онлајн и со физичко присуство).