Главна цел на вмрежување на научните работници во рамки на COST Акцијата: CA21124 – LIFT: Lifting farm animal lives – laying the foundations for positive animal welfare е да се дефинира и концепциски постави пристапот кон позитивната благосостојба на фармските животни, да се воспостави валидна и лесно применлива методологија за проценка на позитивната благосостојба на животните и да се дефинираат индикаторите за добра благосостојбата на животните одгледувани во фармски услови.
Четвртиот состанок на третата работна група на COST Акцијата се одржа на 27 и 28 јануари 2026 година во Барселона, Шпанија. На состанокот беа дефинирани активностите во последната година од COST Акцијата, пред сè, да се изработи каталог со индикатори за добра благосостојба на животните одгледувани во фармски услови и да се спроведе анкетно истражување меѓу различните групи на засегнати страни.

Податоците добиени со анкетирање на фармери, здруженија на фармери, преработувачка индустрија, здруженија на потрошувачи и ветеринарните служби како задолжени за заштита на благосостојбата на животните ќе овозможат да се постават протоколите за проценка на добрата благосостојба на фармските животни. Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип преку Земјоделскиот факултет и учеството на проф. д-р Димитар Наков, активно се вклучи во работната група и тој во рамки на подгрупите работи на остварување на поставените цели.


