Search

Посета на Земјоделски факултет од страна на истражувач на постдокторски студии од Институтот за тропско земјоделство на Универзитетот Кјушу во Фукуока, Јапонија

Споделете

По иницијатива на г. Тору Инада, главен технички советник, во рамки на ЈИКА – Јапонска интернационална агенција за соработка (JICA Eco-DRR Project), а по повод одржаното предавање по повик на тема „Објаснување на ефектот на ветрозаштитните шумски појаси врз земјоделското земјиште“ (“Explanation of the effect of windbreaks on farmland”) од проф. д-р Љупчо Михајлов од Катедрата за растително производство на Земјоделски факултет при УГД – Штип, на 20 октомври 2025 година на Земјоделски факултет при УГД – Штип оствари еднодневна посета проф. д-р Јошитака Кошина, истражувач на постдокторски студии во Институтот за тропско земјоделство на Универзитетот Кјушу во Фукуока, Јапонија (INSTITUTE OF TROPICAL AGRICULTURE – KYUSHU UNIVERSITY, FUKUOKA JAPAN).

Во текот на посетата д-р Кошина оствари работна средба со деканката проф. д-р Емилија Арсов и продеканката на факултетот проф. д-р Наталија Маркова-Руждиќ. Проф. д-р Кошина ги посети инфраструктурните капацитети во Кампус 2 на Земјоделски факултет при УГД во Штип. Детално ги разгледа просториите и опремата на Лабораторијата УНИЛАБ, која е во рамките на факултетот. Потоа со проф. д-р Михајлов остварија теренска посета на обработливи земјоделски површини во Овче Поле, кои се опфатени со ветрозаштитни појаси.

Во текот на посетата се разменија идеи за склучување договор за научна соработка меѓу двете институции, како и продолжување на активностите за вршење истражувања и анализи поврзани со ефектите на ветрозаштитните шумски појаси врз земјоделското земјиште, со цел развивање на проекти и објавување на научни публикации од оваа област. Други цели за идни активности би биле да се истражат можностите и препреките кои придонесуваат за помал или поголем успех во правец на одржувањето и правилното ревитализирање или експлоатирање на ветрозаштитните шумски појаси во Овче Поле. Исто така, како цел е поставена и правење споредба и анализа со ветрозаштитните шумски појаси со кои се опфатени големи области во Јапонија.