Search

Организирана дегустација на иновативни производи од месо

Споделете

Квалитетната и безбедна храна за задоволување на секојдневните потреби од внес на неопходните хранливи материи претставува предуслов за здрав живот. Современите трендови во исхраната сè повеќе го нагласуваат значењето на функционалните производи, кои покрај нутритивната вредност нудат и дополнителни здравствени придобивки.

Со цел практично да се прикаже примената на научните истражувања во областа на прехранбената технологија, на 26.12.2025 година во просториите на Земјоделскиот факултет беше организиран настан посветен на сензорна евалуација на функционални производи од месо. Во активноста учествуваа студенти кои имаа можност да дегустираат паштети направени по иновативна рецептура во рамки на магистерски труд на студентката Надица Бајрактарова, запишана на втор циклус студии на програмата Безбедност на храна при Катедрата за прехранбена технологија и преработка на анимални производи. Дегустираните производи од месо беа направени во производните капацитети на „МИК“ – Свети Николе, со примена на современи технолошки постапки и рецептури приспособени за диететска исхрана.

Настанот овозможи интерактивна размена на мислења и искуства, при што студентите активно учествуваа во оценување на сензорните својства на производите и дебатираа за нивниот квалитет, примена и потенцијал за комерцијална употреба.