Деновите на млади истражувачи на Земјоделскиот факултет при УГД завршија со настанот „Отворени лаборатории“. Тоа е завршниот дел од оваа активност на Земјоделскиот факултет, која се организира редовно по повод Денот на науката.

Целта на настанот, според деканката проф. д-р Емилија Арсов, е да се претстават капацитетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, можностите за студирање и практично надградување, но и изведување на практични показни лабораториски вежби. Воедно, на училиштата кои соработуваат со факултетот, доколку има потреба од практична подготовка на проектни задачи, им се дава можност нивните ученици истата да ја реализираат во лабораториите на Земјоделски факултет и Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

На настанот „Отворени лаборатории“ лабораториите на Земјоделскиот факултет ги посетија ученици од училишта во Штип, Куманово, Свети Николе, а учениците од Струмица имаа посета на Наставниот центар на УГД во овој град.

Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во текот на својот развоен пат главен приоритет секогаш им дава на студентите, средношколците, соработката меѓу институциите и соработката со приватниот сектор.



