Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип сѐ повеќе ги вклучува студентите во проекти кои се реализираат, со што од една страна тие можат да се здобијат и со повеќе знаења, пракса, и да се стекнат со искуства во научноистражувачката работа, но и да се почувствуваат рамноправни и блиски со наставничкиот кадар на факултетот.

Со дел од студентите на Земјоделскиот факултет, за нивните искуства од учеството во проекти на факултетот, разговаравме токму во современиот Научноистражувачки центар на Земјоделскиот факултет, каде што тие заедно со своите професори учествуваат во истражувањата.

„Сметам дека студирањето на Земјоделскиот факултет, и општо на УГД, е одлично искуство за мене, стекнав големо знаење. Овие четири години поминаа доста добро, научивме многу работи. Голем дел од наставата ја поминавме во лабораториите, со цел она што теоретски го учиме да го искусиме и во пракса. Сметам дека стекнав големо знаење, бидејќи Земјоделскиот факултет располага со стручен кадар кој несебично ни го пренесува она што го знае. Студирањето овде е значајно и од аспект на тоа што нашата држава е земјоделска држава, каде што интензивно се произведува, па така ќе има потреба од стручни кадри. Во моментов со мои колеги сум вклучена во подготовката на еден софтвер, кој е корисна алатка. Тој е едно олеснување на сите земјоделци кои на своите парцели имаат некој штетник и на тој софтвер имаат прегледност за штетниците, со каков препарат и во која концентрација може да се третира. Исто така, добро е што за време на студирањето имавме многу практична работа, сѐ што учиме теоретски можевме да го видиме и во пракса. Секоја година сме дел и од сеидбениот процес на парцелите на Унисервис агро и таму можеме да видиме како во пракса се реализира она што теоретски го учиме“ вели Кристина Маневска, студентка во четврта година на Земјоделскиот факултет.

„Во овој момент работиме на два проекти – еден е во врска со сончогледот, поставуваме опити за повеќе сорти на сончоглед, да видиме како ќе реагираат на условите кај нас и потоа ќе се испитува квалитетот на маслото кое го даваат, приносот, а ќе ги следиме и болестите што ќе ги напаѓаат. Другиот проект се однесува на следењето на болеста шарка кај сливата. Нашето вклучување во проекти е многу значајно и се надевам дека и во иднина студентите уште повеќе ќе бидат активен дел во проектите на Земјоделскиот факултет“  вели студентката Моника Глигорова.
„Ние бевме во посета во Бугарија, во Карнобат, за да ги видиме тамошните методи на селекција и семепроизводство, се правеа хибриди на овес и јачмен. Тоа се прави и кај нас, но добро беше да се види и друго искуство кое ќе се примени и кај нас. Исто така, ја посетивме и Грција, каде што видовме како се одгледуваат градинарски култури на еден нов начин. Ние сме горди што имаме можност да бидеме вклучени во проектите на Земјоделскиот факултет и да бидеме дел од сите овие процеси“  изјави Симона Ристеска.
Според доц. д-р Емилија Арсов, продекан за настава на Земјоделскиот факултет, определбата за вклучување на студентите во проектите и научноистражувачката дејност е, пред сѐ, со цел да се зацврсти врската помеѓу наставничкиот кадар и студентите, од што ефектите се секако позитивни.

- Земјоделскиот факултет од студиската 2016/2017 година интензивно започна со ангажирање на студентите во рамките на проектните активности, како и во лабораториски и теренски активности на ниво на факултет. Тоа го направивме со цел да ја зајакнеме и зголемиме врската помеѓу студентите и професорите, односно да не биде оној строг однос, туку да имаме еден најдругарски и пријателски однос, и да научат што е можно повеќе. Заради тоа, почнавме да ги ангажираме и анимираме, посебно оние од четврта година на Земјоделскиот факултет, на студиската програма Фитомедицина, во лабораториските активности и во некои тековни проекти. Со тоа добиваат и факултетот и студентите. Секој од професорите на Земјоделскиот факултет има некој тековен проект во кој му треба помош и поддршка од студенти, а се разбира за да го прошират студентите своето знаење ги вклучуваме во тие проектни активности. Дел од студентите беа во Институтот за земјоделие во Карнобат, каде што можеа да научат повеќе за селекција и семепроизводство, а моментално се вклучени во Еразмус проект во кој работат на софтвер, односно база на податоци за пестициди.

Софтверот што се подготвува на Земјоделскиот факултет е наменет за секој земјоделец или секој кој има потреба да го прошири своето знаење во областа на одгледувањето на одредена култура. Софтверот е многу богат, исполнет со култури, како и болести, штетници и плевели, по култури. Студентите работејќи на овој софтвер, внесувајќи податоци, материјали, го прошируваат и своето знаење од областа на фитопатологијата и заштитата на растенијата.

Според продеканката Емилија Арсов, Факултетот е задоволен од студентите и нивниот ангажман и интерес, но според реакциите од нив, и тие очигледно се задоволни, заради тоа што и знаењето што го стекнуваат е на завидно ниво, ниво со кое утре како дипломирани земјоделски инженери и агрономи нема да се срамат од својата диплома, туку со гордост ќе кажат што научиле и виделе на Земјоделскиот факултет при УГД.

Факултетот аплицира и на други проекти, на кои исто така ќе бидат вклучени и студентите. Тие тековно се ангажирани и во Унисервис агро, земјоделска компанија на Факултетот, каде што пред извесно време биле вклучени и во еден опит, експеримент со сеидба на сончоглед.

Ние сме задоволни од студентите и се надеваме на нови успешни генерации кои веќе следната академска година ќе се запишат на Земјоделскиот факултет при УГД, затоа што  Република Македонија пред сѐ е земјоделска земја, развојот на земјоделието оди кон едно повисоко ниво, од кое секоја земјоделска компанија ќе има потреба од дипломирани агрономи  вели доц. д-р Емилија Арсов.

 

Преземено од Факултети.мк

http://www.fakulteti.mk/news/17-05-10/studentite_na_zemjodelski_fakultet_pri_ugd_vklucheni_vo_istrazhuvachki_proekti.aspx

Секретар/Технички секретар

Елизабета Д. Барбареева
Тел: +389 32 550 600
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.  

Адреса: ул. „Гоце Делчев“ бр. 89
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р. Северна Македонија



Студентски прашања

Штип/Прилеп - Иван Јосифов 

Тел: +389 32 550 071

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Кавадарци - Зорица Горгиева

Тел: +389 32 550 253

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Студентски прашања

Струмица - Аница Удовалиева

Тел: +389 32 550 250

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.